Британската мултинационална компанија Инеос (Ineos), која во 1998 година ја основаше Џим Ретклиф (70), официјално влезе во процесот за купување на англискиот фудбалски гигант Манчестер јунајтед.
Можам да потврдам дека официјално влеговме во процесот, изјави портпаролот на Инеос за британските медиуми.
Сегашните сопственици на Манчестер јунајтед, американското семејство Глејзер, кон крајот на минатата година објавија дека почнале да разгледуваат опции за 20-кратниот англиски шампион, вклучувајќи нови инвестиции или потенцијална продажба, 17 години откако го купија клубот од Олд Трафорд.
Инеос е четврта по големина хемиска компанија во светот, а нејзиниот сопственик Ретклиф е меѓу најбогатите Британци.
Во изминатите две децении неговата компанија прерасна во гигант со 19.000 вработени и годишен промет од над 60 милијарди долари.
Личното богатство на Ретклиф се проценува на над 15 милијарди фунти, а познат е по поддршката што ја даде за британскиот излез од Европската унија.
OhridNews