Две децении по воениот конфликт и меѓуетничките тензиите во земјата, македонската фудбалска репрезентација како никој порано ја обедини нацијата со историскиот пласман на ЕУРО2020, а еден играч ги освои срцата на сите навивачи – Елиф Еламс, пишува „Гардијан“ во најавата за настапот на „црвено – жолтите“ на претстојното Европско првенство.

Британски „Гардијан“ со специјален прилог за Елиф Елмас

Следејќи го неговиот развој и фудбалска кариера од самите почетоци, угледниот лондонски весник посветува опширен текст за 21-годшниот Елмас, под наслов „Македонскиот дијамант создаден во продавница за слатки“.

Израснат во еден од најнебезбедните делови на Скопје, мултиетничката населба Чаир, во која едни покрај други живеат Македонци, Албанци, Турци и Роми, Елмас е роден на 24 септември 1999 година во семејство на родители со турски корени, а неговиот татко Џеват е сопственик на продавница за слатки. Денес, 20 години подоцна, Елмас стана клучна фигура во македонскиот тим, кој ја обедини нацијата како никогаш порано. Малкумина се запознати дека Елиф знае да подготвува едни од најубавите македонски традиционални колачи и речиси сигурно ќе ја продолжеше семејната традиција доколку не станеше фудбалер. Меѓутоа, фудбалот победи, – пишува „Гардијан“.

Потсетувајќи на победоносниот гол што Елмас го постигна против Германија во една од најголемата победи на македонскиот тим во својата историја, „Гардијан“ посочува дека потенцијалот на Елмас прв го забележал актуелниот македонски селектор Игор Ангеловски, донесувајќи го на 12-годишна возраст во скопски Работнички, пред да започне неговата меѓународна кариера со трансфер во Фенербахче, а од турскиот гигант да се пресели во италијанскиот прволигаш Наполи.

„Веројатно 21-годишниот Елмас го чека долг пат пред да ги достигне височините на Кристијано Роналдо и Лионел Меси, но ова лето тој ќе има идеална сцена да ги покаже своите квалитети во конкуренција на европската елита. Елмас и македонскиот тим на ЕУРО2020 ќе играат во групата Ц против Холандија, Украина и Австрија, кои со доаѓањето на летото ќе дознаат многу повеќе за македонскиот фудбалски дијамант“, заклучува британскиот весник.

OhridNews