Бриџот е кралица на сите игри со карти, бара и ја развива толерантноста и креативноста. Во многу земји од ЕУ во училиштата влегува како факултативен предмет, наставниците оцениле дека бриџот е комплетен спорт бидејќи бара длабока анализа, логика, размислување, самоконтрола, комуникативност. Бриџот е сериозна работа, оној кој го игра бриџот никогаш не е сам, бидејќи за оваа игра се потребни четворица. Ова се само неколку дефиниции за бриџот спорт кој наскоро ќе стане член на олимпиското семејство.
Почетоците на играта денеска позната како контакт бриџ датираат од Англија уште од 15 век, првиот познат турнир е организиран во 1857 година во Лондон. Конечната физиономија бриџот ја добива во 1926 година кога Американецот Харолд Вендербилт ги искомбинирал најдобрите особини на дотогашниот начин на играње. Во 30-те години од минатиот век сопружниците Кулбертсон го издадоа првиот број на „Бриџ Ворлд Магазинот“ денеска еден од магазините со најголем тираж во светот. Во 1958 година е основана Светската Бриџ Федерација која секоја година организира Светски првенства (СП), а секоја четврта и бриџ Олимпијади. На овие простори бриџот пристигнал во 80-те години од 20-от век. Првиот регистриран клуб е Скопје во 1992-та, по што во следните години се регистрирани бриџ клубовите Охрид и Куманово кој во меѓувреме згасна. Охридскиот бриџ клуб броји 11 членови, заедно со Скопскиот организираат државни првенства, но и покрај тоа немаат кворум да формираат лига и со самото тоа да станат полноправна членка на Европската Бриџ Федерација.
За бриџот велат дека е покомлексен дури и од шахот, можеби затоа за него се напишани повеќе книги отколку за шахот.
Во светот велесили во овој спорт се САД, Италија, Полска, Франција, сепак за Охридските натпреварувачи репер се играчите од нашето опкружување.
Бриџот на следните Зимски Олимписки Игри ќе влезе во големото семејство на олимписките спортови. Во денешно време тој повеќе не е привилегија само на одредени општествени слоеви, подеднакво можат да го играат и младите и старите , на исто рамниште го играат и припадничките на понежниот пол.
Во Франција постои бриџ универзитет , Полска експериментално го воведе како задолжителен предмет во училиштата, на Универзитетот во Њујорк примарните тестови по логика се од областа на бриџот, речиси во сите земји членки на ЕУ бриџот е воведен како факултативен предмет во училиштата, во школските установи бриџот го препорачува и УНЕСКО. Универзитетскиот професор Александар Цицкоски благодарение на учествата на турнирите во Германија има најголемо искуство во Охридскиот бриџ клуб , вели дека ниту една игра не може да се спореди со бриџот.
Проф. Александар Цицкоски
Покрај обичните смртници на бриџот не се имуни ниту познатите личности од светот на политиката и шоу бизнисот, на турнирите низ Европа тие се чести учесници. Професорот Цицкоски има такво искуство, во клубот во Германскиот град Дизелдорф тој играл против познатиот светски актер Омар Шариф.
Во светот бриџот го играат прку 200 милиони луѓе. Најголемиот турнир во историјата на оваа игра е одржан во 2000 година на „Амстердам Арената“ стадионот на Ф.К .Ајакс“ кога на повеќе од 1500 маси играа преку 3086 парови.
Н. Цветанов