Фудбалерите на Брегалница го освоија целиот плен во Охрид победувајќи го Младост Царев Двор со убедливи 4-1 во 16-та рунда од Првата македонска фудбалска лига.
„Зелено белите“ покрај убедливиот пораз добро го отворија мечот на „Атина Бојаџи“ со голот на Антонио Каланоски во 13-та минута.
Натпреварот ќе имаше сосема поинаков тек ако ударот на Дејан Цветаноски при резултат 1-0 место во стативата завршеше во мрежата. Исти исход имаше и првата акција на „сините“ кои преку Мишев ја погодија гредата.
Теренската иницијатива гостите ја капитализираа во 24-та минута кога капитенот Горан Здравков со помош од противничките фудбалери го изедначи резултатот.
Пред крајот на првиот дел со вториот погодок на Здравков гостите од Штип направија комплетен пресврт и на одмор заминаа со предност 2-1.
Во вториот дел во моментите кога Младост нападна гостите го зголемија водството 3-1 со погодокот на Стојанов.
Истиот фудбалер на идентичен начин во 65-та минута ги постави конечните 4-1 кои донесоа значајни бодови за штипјани во борбата за опстанок.
Мх.П.