На децата на Бред Пит сигурно ќе им се допадне новата играчка на нивниот татко, а прашање е што за неа ќе рече неговата партнерка Анџелина Џоли, која се бори за разоружување во светот. На Пит рускиот тенк Т54, кој го користеле за снимањето на филмот ‘World War Z’, толку му се допаднал, што одлучил да го купи. Тенкот наскоро требало да биде испорачан на неговиот имот во Лос Анџелес. Првиот руски тенк Т54 бил направен во 1945 година, пред завршувањето на Втората светска војна, а во 1947 година почнал да се користи во руската војска.
Бред, чија продукциска куќа го продуцирала филмот, на почетокот на октомври не бил на снимањето кога специјалните унгарски антитерористички единици се појавиле и заплениле 85 пушки со вистинска муниција кои не биле прописно онеспособени. Меѓу нив имало калашникови, снајпери и автоматски пушки. Од полицијата рекле дека поради тоа можело многу лесно да се случи катастрофа. Погрешиле вработените во компанијата која го довезла оружјето за кое немале дозвола. Непознат извор тогаш открил дека филмот го надминал буџетот поради што Бред бил бесен. Премиерата на филмот е закажана за следната година.