Аплаузите кои синоќа долго одекнуваа во Центрарот за култура по завршувањето на претставата „Име“ во изведба на Театар комедија од Скопје, беа вистинска награда за извонредната актерска екипа која на бравурозен начин ја одигра комедијата работена според адаприраното дело на современите француски писатели Александар де ла Пателие и Метју Делапорт, а во режија на Ненни Делместре.

Вистинско уживање беше да се гледа настапот на Атанас Атанасовски (Виктор), Јелена Жугиќ (Бети), Роберт Ристов (Петар), Илија Илиоски (Тони) и Кристина Ласовска (Ана). Одлично воиграни, беспрекорни со изведбата и исклучително талентирани, актерите од Тетар комедија на публиката на Охридско лето и приредија извонредна театарска вечер.

Претставата се занимава со едно македонско современо семејство, каде секојдневието на сопружниците Петар и Бети тече „нормално“ сè до моментот, кога братот на Бети, Виктор, сака да се пошегува со името на бебето кое го очекуваат со сопругата. Токму тука започнува комичниот заплет кој длабоко ќе допре до сите членови на семејството и ќе ги натера да го преиспитаат нивниот меѓусебен однос, но и односот со нивниот најблизок пријател за кој тие сметаат дека е геј, а тој всушност е љубовник на мајката на Бети и Виктор.

Г.М.