Браќата Валентино и Бојан Белевски во Охрид и Струга играа и „гинеа“ во победите и поразите заедно, а прв пат во четврток во Радовиш ќе се соочат еден против друг. Помладиот Валентино во дресот на Охрид додека постариот и поискусниот во боите на Радовиш ќе го збогатат ривалството меѓу двата клуба кое датира од деновите кога беа дел од Првата лига.
Победата и бодовите се императив за двата состави, а посебно чувство на дерби пресметката секако ќе имаат браќата Белевски кои дејствуваат на бековските позиции.
– Ќе биде посебен дуел за мене, а се надевам и за мојот брат. На тренинзите речиси секогаш игравме еден против друг, но ова ќе биде нешто сосема ново. Покрај дуелот со брат ми мотив повеќе ќе биде и средбата со клубот кој ми лежи на срце. Сепак, јас и останатите играчи од екипата посакуваме победа и ќе направиме се да стигниме до неа. – рече Бојан Белевски.
Средбата „лице в лице“ со родениот брат Валентино ја доживува како нов предизвик со кој никогаш не се соочил.
-Секако дека ќе биде чудно да го гледам мојот брат во различен дрес од мојот. Мечот е од исклучителна важност за двете екипи, а дуелот со мојот брат само го збогатува натпреварот кој е прогласен за дерби на колото. – потенцираше помладиот брат.
Ракометната федерација на Македонија со делигирањето на судиите со европско искуство Начевски-Николов даде уште поголема важност на дербито на колот.
Михаил Постоловски