Коди Вокер, родениот брат на трагично загинатиот во сообраќајна несреќа актер Пол Вокер може да го замени во седмото продолжение од франшизата „Брзи и бесни”, пишува британскиот весник The Daily Mail, пренесува „Макфакс“.
Според весникот, продуцентите на продолжението бараат некој кој ќе личи на Пол Вокер, за да бидат доснимени некои сцени и филмот да биде завршен. Притоа, се забележува дека 25-годишниот Коди многу наликува на својот починат постар брат.
„Доколку Коди се согласи, бидејќи тој сака да се почитува сеќавањето на неговиот брат. Има многу детали над кои треба да се поработи, но во моментов семејството и екипата на филмот сѐ уште се во тага по загинатиот”, рекол за The Daily Mail, извор близок на екипата на филмот „Брзи и бесни”.
Поради смртта на постариот од браќата Вокер, студиото „Universal Pictures” на неодредено време го одложи снимањето на седмото продолжение од серијалот „Брзи и бесни”, а беше најавено дека дистрибуцијата ќе започне на 11-ти јули 2014 година. „Во овој момент чувствуваме дека наша должност е извесно време да престанеме да работиме на филмот ‘Брзи и бесни 7′, за да можеме да процениме како ни се можностите за продолжувањето”, наведува во соопштението „Universal Pictures” неколку дена по смртта на актерот.
Четириесетгодишниот Пол Вокер беше соовозач во несреќата што се случи во саботата во Санта Кларита во Калифорнија, педесетина километри северозападно од Лос Анџелес. Возачот на возилото „Porsche Carrerа GT”, Роџер Родас починал од повеќекратни травматски повреди.
Коди, кој живее во американската сојузна држава Орегон, во моментов е крај нивната мајка Шерил во Лос Анџелес, со третиот брат Калеб.
OhridNews