– Општина Охрид се става на располагање на семејството на трагично починатиот турист од Србија и ќе формира мини координативно тело кое ќе помогне да се завршат сите формалности во институциите за да може блиските да го преземат телото на Дејан и да го однесат во Србија. –изјави по средбата градоначалникот Петрески.
На средбата претставниците на локалната самоуправа од име на граѓаните на Охрид искажале жалење за трагичниот инцидент и го информирале братот на починатиот Дејан за сите иницијативи на охридските здруженија и асоцијации.
-Ќе биде одржана средба со претставници на семејството на починатиот српски турист на која сакаме да покажеме дека Охрид е нешто друго и дека градот не го сочинуваат десетина-петнаесет силеџии кои ги прават проблемите во Охрид, рече Петрески.
Ненад Новаковиќ, брат на трагично настраданиот српски турист, на средбата со претставнците на локалната самоуправа изразил благодарност за искажаните чувства кон неговото семејство. Ненад, кој во Охрид допатува со пријател за да го преземе телото на починатиот брат, очекува надлежните органи да го расчистат инцидентот, кој според него нема да ги наруши добрите односи помеѓу двата народи.
Претставници на општината ќе присуствуваат на испраќањето на телото на Дејан Новаковиќ кое со специјално возило од Србија ќе биде пренесено во Белград, а делегација на локалната самоуправа ќе отпатува на погребот на трагично починатиот српски турист.