Јавното обвинителство да покрене истрага за реконструкцијата на праисториската наколна населба во Градиште, побара лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски. Според него реалната вредност на културниот комплекс во Заливот на коските е неколку пати помала од таа што и се прикажува на јавноста.


-Ние сме за градба и го цениме ова што е направено, но тука сме да го објавиме второто Бачило кое и се случува на Република Македонија, токму овде во Заливот на коските каде што на очиглед на целата македонска јавност гледаме криминал каков што до сега не е забележан. Затоа го повикуваме Јавниот обвинител на РМ веднаш и сега заедно со органите за прогон да поведе истрага и да почнат од колците од оваа наколна населба и да се види вистинската цена на набавка и за заштита на дрвото кое е набавено од шумското претпријатие во Кичево и да се направи споредба со цените кои се во Финска, Литванија, Хрватска, Србија, Унгарија…за да се види дека само на дрвата се украдени повеќе од 350 000 евра, рече Бошковски, додавајќи дека целиот проект ни теоретски не може да чини повеќе од еден милион евра.


Бошковски бара обвинителството да испита што се случува во Градиште

Бошковски изрази подготвеност на обвинувањата да ги поткрепи со докази, кои како што рече, обвинителството лесно може да ги провери со анализа на цените на материјалите кои се употребуваат во реконструкцијата на наколната населба на домашниот и светскиот пазар.


Според информациите на Владата изградбата на Музејот на вода во Градиште чини 3,5 милиони евра. Оттаму додаваат дека реконструкцијата на праисториската наколна населба е успешен проект, што се поткрепува со интересот за Музејот на вода кој летово го посетиле над 30 000 туристи. Пред три дена премиерот Груевски, министерката за култура и директорот на Управата за заштита на културното наследство го посетија Музејот на вода каде во тек е изградбата на уште 16 куќички, што треба да заврши до октомври.

ОhridNews