Браната на Слатинското Езеро е една од четирите брани на вештачките езера во Македонија чија состојба е алармантна. Ова вчера го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, во рамки на конференцијата „Состојбата со водостопанската инфраструктура“ која се одржа во Скопје.

-Моменталната сигурносна состојба на браните со придружните објекти е алармантна за четири брани Слатино, Пишица, Глажња и Липково и е критична за пет брани Вратница, Отошница, Селемли, Петрашевец и Водоча кои треба ургентно да бидат санирани. Од 43-те брани опфатени со теренски увид, девет брани или 21 % од постојните позначајни брани, се во незавидна сигурносна состојба, што е индиција дека е неопходна радикална промена на досегашниот концепт за постигнување на задоволителен квалитет на браните во Република Македонија, рече Изаири.

Според него,  квалитетот на одржување на браните е незадоволителен, бидејќи 20 брани не се одржуваат на начин кој би бил очекуван за вакви стратешки објекти.

-Дури шест брани се буквално препуштени сами на себе, а шест брани се запуштени до ниво што ги прави ранливи со неприфатлив ризик за околината.  Тоа ни беше првиот сигнал дека е потребно да се предложат активности во насока на подобрување на ефикасноста на работењето и функционирањето на водостопанските системи, посочи Изаири.

Инаку во 2013 година поради големите врнежи на дожд, состојбата со браната на Слатинското Езеро, беше критична, а поради оштетувањата постоеше сериозна опасност истата да попушти и водата од езерото да предизвика големи поплави.

OhridNews