Љубителите на филмската уметност вечерва со почеток во 20 часот ќе имаат можност да го проследат филмот „Брана на Пацификот“ кој ќе се прикажува  во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Станува збор за драма, адаптација на истоимениот роман на француската писателка Маргерит Дирас, која беше оценета како „одлична екранизација на книжевното дело на Дирас“ во критичкиот осврт на Ле Нувел Обсерватер. Ле Монд пак пишува дека е тоа „Филм со мистична алхемија, која двочасовно го обвива гледачот“.

Режисер на филмот е  Рити Пан, а во него настапуваат познатите француски филмски ѕвезди Изабел Ипер и Гаспар Илијел.

Филмот се прикажува во соработката со Кинотека на Македонија и Францускиот кино-клуб, а според најавите проекција на филмот ќе има и во сабота на 26-ти јули 2014 година.

Филмот е со превод на македонски јазик, а влезниците чинат 50 денари.

OhridNews