Белгискиот сојузен обвинител потврди дека браќата Ибрахим и Калид Ел Бакрави се извршителите на атентатот на бриселскиот аеродром и во станицата на подземната железница, како и дека третиот засега неидентификуван, е во бегство. Обвинителот Фредерик ван Лев изјави дека Обрахум Ел Баркави е напаѓачот на аеродромот Завентем, каде загинаа единаесет лица. Неговиот брат Калид Ел Бакрави се разнел на метро станицата Малебел убивајќи 20 луѓе. Во двата напада ранети се вкупно 260 луѓе.
Двајцата се идентификувани со помош на отпечатоци на прстите, а полицијата до адресата во квартот Шарбек, од каде што браќата тргнеле во нападот, дошла благодарејќи на таксистот кој во вторникот ги возел напаѓачите до аеродромот. Тој на полицијата ѝ кажал дека терористите биле лути кога сфатиле дека нивните вкупно пет куфери нема да може да ги собере во автомобилот, и дека ја одбиле неговата помош кога со четири торби стигнале на аеродромот.
Полицијата во еден стан на споменатата адреса пронашле 15 килограми експлозив, детонатори и куфер полн со клинци, а во канта за отпад на улица компјутер во кој било писмото со порака на Ибрахим Ел Бакрави, „Повеќе не знам што да правам, насекаде ме бараат“, напишал Ибрахим. Браќата Калид и Ибрахим Ел Бакрави и претходно ѝ биле познати на белгиската полиција, но поради криминал а не поради тероризам.
Еден од нив, Калид, изнајмил стан под лажно име во квартот Форест, од кој пред неколку дена беше пукано врз полицајци кои дојдоа да извршат претрес. Калид, наводно, го изнајмил и станот за криење и во градот Шарлероа во кој се подготвувале терористичките напади во Париз ланскиот 13-ти ноември, кога беа убиени 130 луѓе.
Овие сознанија на истрагата говорат за директната врска меѓу париските атентати и нападите од вторникот во Брисел, како и за престрелката во квартот Форест којашто претходеше на апсењето на Салах Абдеслма, еден од главните осомничени за нападите во Париз.
OhridNews
извор Макфакс