По Дубровник, каде беше изведена на „Дубровачките летни игри“, претставата „Браќа Карамазови“ работена по романот на Достоевски, а во режија на нашиот Дејан Пројковски, вечерва ќе има македонска премиера на фестивалот „Охридско лето“, со што ќе биде спуштена завесата на 53-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава.
Во претставата настапува актерска екипа на театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник, засилена со уметници од други театарски куѓи во Хрватска.
Директорката на дубровачкиот театар Јасна Јукиќ изрази задоволство што речиси по три децении е обновена соработката помеѓу Дубровник и Охрид.
-Слаткото доаѓа на крајот. Чест ни е што ќе имаме можност да настапиме на затворањето на еден реномиран фестивал каков што е „Охридско лето“.-рече Јукиќ. Таа упати бројни комплиметни до македонскиот режисер Дејан Пројковски, посочувајќи дека соработката со него била исклучително добра.
Режисерот Пројковски истакна дека претставата која трае нешто над три часа зборува за човечките стравови, за пороците и за внатрешната битка што ја води секој во своето срце.
-Ликовите се заробени во калта од пороци и гревови, а постојано имаат порив да полетаат кон возвишеното, кон божјото, всушност претставата е една интимна исповед за верувањето во Бог, додаде Пројкоски.
Претставата има специфична сценографија, а ликовите играат на сцена меѓу публиката.
Почетокот на претставата која се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ е во 21 часот. Покрај вечерва, на затворањето на 53-то „Охридско лето“, претставата „Браќа Карамазови“, ќе биде изведена и утре вечер во истиот термин.
Г. Момироски