Брачен пар од Охрид денеска се регистрираше на паузата од седницата на Советот на општината поради тоа што  ниту една од другите помошни простории во зградата на општината не беше слободна.


Братот на познатиот шоумен од Охрид Диме З’Ш, Перо и неговата животна придружничка Ели, за извесно време го одложија кажувањето на судбоносното ДА, додека матичарот и советникот задолжен за регистрација не го усогласија чинот на паузата од седницата на Советот кој денеска заседаваше.


Деверот Диме З’ш дојде од Италија на свадба ама мораше да чека на регистрацијата на неговиот брат


Регистрацијата се изврши во салата во која останаа лап-топовите на советниците и матерјалите од седницата, но тоа не им пречеше на младите и нивните најблиски да го извршат чинот на регистрација. Регистрацијата го збуни претседавачот на Советот Владо Чингоски, кој враќајќи се од координација ја затекна славеничката атмосфера.


Регистрацијата го пролонгира продолжението на седницата на Советот

Оваа невообичаена случка уште еднаш го отвори прашањето за изградба на сала за венчавки во општината Охрид за што токму овој состав на Советот има донесено одлука. Според истата предвидено беше една од просториите на приземјето од општината да се преадаптира и исклучиво да служи за регистрација на млади брачни парови. Но, наместо тоа во тие простории се всели Секторот за локален економски развој и други служби, па така сега се случува младенците да чекаат пауза на Советот за да склучат брак.

Г. Момироски