Основниот суд Охрид на 22 септември го закажа првото рочиште по предметот кој се води против бизнисменот и советник Нефи Усеини и неговиот брат Ибро Усеини. Браќата Усеини на судењето треба да се појават како слободни граѓани откако охридскиот суд ја прифати понудената гаранција и ги ослободи од притвор каде беа од 24 август.

Како гаранција пред судот Усеини понудиле деловен објект во центарот на Охрид во вредност од 850.000 евра.

Браќата Усеини се сомничат дека на 18 август 2020 година, околу 11.30 часот, извршиле грубо насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски при што во јавноста, кај присутни гости и вработени во хотелот „Јуник“ каде се случил инцидентот предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

Обвинението ги товари браќата Усеини само за кривично дело „насилство“, иако во случајот се водеше истрага и  за недозволено поседување оружје.

Нефи Усеини и неговиот брат, по инцидентот шест дена беа недостапни за истражните органи, по што сами се пријавија во охридскиот затвор за издржување на мерката притвор, што претходно им ја одреди Основниот суд Охрид во траење од 8 дена. На 3 септември притворот им беше продолжен за уште 30 дена. По понудената гаранција од 850.000 евра тие се пуштени од притвор и ќе се бранат од слобода.

Г.М.