Во текот на вчерашниот ден имавме случување каде беше уапсен новинар, имавме бурна реакција од граѓаните и оправдана е реакцијата, рече заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев по посетата на СВР Охрид одговарајќи на новинарско прашање за приведувањето на новинарот Фуркан Салиу.
Потецираше дека во моментов имаме министер кој е од политичка партија кој во минатато знаеше да се спротивстави на гласните новинари, да ги апсат, да затвораат телевизии и сосема оправдано е, вели, што граѓаните реагираат на овој начин.
Во врска со тоа што и како се случувало јас нема да дадам повеќе информации од тоа што е дадено во соопштението на МВР, бидејќи од денес и внатрешна контрола е вклучена во самиот тек. Што точно се случувало, на кој начин е упасен, дали имало потреба и за сето тоа што е преземено, мој коментар ќе дадам по завршување на извештајот од внатрешна контрола, рече Бојмацалиев.
На прашањето на новинарите дали можело и поинаку да се постапи, Бојмацалиев рече дека секогаш постојат повеќе начини да се постапува, а дали тоа бил исправниот начин ќе покаже внатрешната контрола по случајот.
Инаку, Салиу беше приведен по инцидентот на вчерашниот фудбалски натпревар помеѓу ФК „БВК Коњаре“ и ФК „Куманово“, каде на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи.
Тој во објава на Фејсбук кажа дека не ја нападнал полицијата, иако можеби влијаел врз ескалацијата на целата ситуација. Салиу наведе дека полицијата ги избришала снимените материјали, откако биле одведени во полициската станица во Автокоманда. Новинарот посочи дека без судски налог, како и без негова дозвола бил извршен претрес на автомобилот од страна на специјалната единица на МВР, при што бил пронајден пиштол, за кој вели поседува дозвола.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека апсењето е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик.
Дел од политичките партии, владини функционери, како и претседателски кандидати, го осудија апсењето на новинарот Фуркан Салиу, а ЗНМ и ССНМ апелираа случајот веднаш да биде расчистен.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски