Бојкотот на маркетите најавен за денеска како израз на незадоволство на граѓаните од високите цени делумно се спроведува. Екипата на Охридњуз обиколи повеќе маркети во градот. Во голем дел од нив забележливо е намалено присуство на потрошувачи од вообичаено, што го потврдуваат и трговците, но во одредени фрекфентни маркети забележливо беше присуство на купувачи.
Иако не е пазарен ден, градскиот пазар во Охрид работи вообичаено. Нема преголема раздвиженост, но купувачи има.
Денешната слика низ охридските маркети и пазари е потврда на поделеноста на граѓаните околу бојкотот кој беше најавен на социјалните мрежи, откако ваква граѓанска акција беше покрената во Хрватска, од каде се прошири во земјите во регионот. Дел од граѓаните сметаат дека еднодневен бојкот нема да промени ништо, додека други сметаат дека тоа ќе биде опомена за трговците кои ќе бидат принудени да ги корегираат цените и да ги почитутуваат фер трговските практики.
Државата, пак, најави засилени инспекциски контроли во трговијата со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
Г.М.