Бошкоски на аеродромот „Александар Македонски“ пристигна со владиниот авион придружуван од семејството, неговата сопруга Виолета и неговите деца.
На аеродромот го пречекаа неговото пошироко семејство и премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, неговите поранешни соработници, членови на Координативнто тело за негов пречек и на здружението „Достоинство“ кои го организираа овој настан, како и голем број граѓани и негови поддржувачи од сите делови на Македонија.
– По еден тежок период, по една македонска голгота низ која моравме да поминеме, по три години и три месеци стигнав во Македонија. Благодарам што се обединија толку многу Македонци на едно место, со толку љубов и искреност. Само така Македонија може да оди напред и да го постигне она што беше мој сон пред 20 години кога почнав интензивно да се бавам со политика, а тоа е македонско национално единство, изјави Бошкоски по пристигнувањето во Скопје.
Пред мене и пред мојот народ, додаде Бошкоски, е уште една голема обврска, а тоа е да се грижиме за семејството на нашиот брат Јохан Тарчуловски и максимално да се трудиме правдата да стигне и за него, бидејќи, како што рече, Судот во Хаг е праведен.
– Верувам во оваа Влада и во нашиот премиер и сигурен сум дека ќе направиме се, почнувајќи од овој миг, за одбраната на Јохан, изјави Бошковски.
Во моментот на пристигнувањето на Бошковски во земјата, во ист час одекнаа две илјади Светиклиментови камбани во сите епархии на Македонската православна црква во Македонија, во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и во европските земји, како израз на радост.