Босанскиот пејач Ален Хрбиниќ и годинава беше дел од Интернационалната вечер на фестивалот „Охрид Фест – Охридски трубадури“ каде настапи со песната „Имаш ме“. Втора година со ред Хрбиниќ е дел од Фестивалот, а минатата година беше добитник и на специјална награда. За Охрид, вели во разговорот за OhridNews, го врзуваат не само музиката, туку и спомените од минатото, но и пријателствата кои ги негува до ден денес. Открива дека голема желба му е и веќе е во преговори да одржи сопствен концерт пред охридската публика.
И годинава бев дел од Интернационалната вечер на „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Имаше навистина супер дружење со колегите, како и со моите соработници од Скопје, меѓу нив и Дарко Тасев. Беа многу мои колеги кои беа на Фестивалот и минатата година. Јас сум полн со емоции кога ќе дојдам. Зборувавме многу и за музиката и за Охрид, за се. Настапив со песната „Имаш ме“ за која јас го напишав текстот, а Дарко Тасев музиката. Песната беше подготвена во моето студио во Германија, каде работам и живеам. Песната е поп-рок, весела, позитивна, полна со енергија, посочува.
Минатата година на Фестивалот, Хрбиниќ, доби специјална наградата од стручното жири за песната „Ночима“, која беше повторно подготвена тимски од него и Дарко Тасев.
Беше супер песна, добро поминавме. Оваа награда ми значи многу. Во Охрид тоа беше мој прв настап кога станува збор за музиката, инаку сум присутен во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Охрид е град кој многу го сакам, долго време бев во Охрид, познавам многу луѓе и ми беше чест кога повторно добив покана да бидам дел од „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Има многу спомени кои ме поврзуваат за Охрид и помалку важни, но и повеќе важни. Имам доста пријатели, другари, фамилии кои ги познавам и истите пријателства ги негувам низ годините. Срцето ми заигрува кога треба да дојдам во Охрид.
Но, за Охрид го поврзува и одреден период од неговиот живот кога работел тука во Касарната. Посочува дека музикалноста е најверојатно наследена од неговите родители.
Со музика се бавам од многу оддамна. Уште мојата учителка ме насочи во хор и пеев прв глас, секогаш бев солист бидејќи го имав тој дар за музика. Имав добар слух, за разлика од моите сестри и браќа кои не се толку добри. Но, моите родители се добри пејачи и јас од нив ја наследив музикалноста. И додека бев во Касарната во Охрид имаше во Домот оркестар каде секогаш свирев. Свирам на гитара, клавир и завршив за инженер на звук во Минхен. А веќе 15 години работа и живеам во Германија каде е и моето студио.
Застапеноста на музичката сцена во Хрватска ја реализира преку соработката со „Кроација рекордс“, додека матична продукциска куќа му е „Хајат“.
Моја продукциска куќа е „Хајат“ и тие ќе го издадат мојот втор албум кој се подготвува. Очекувам во октомври да биде промовиран. Од вториот албум пет-шест песни се веќе промовирани, на секои три месеци по една песна за да има цело време нешто нова. Останатите четири песни ги оставив да ги доработам, за да има десет композиции на албумот. Го направивме омотот и усб картичките на кои се наоѓаат песните.
Во поглед на настапите на фестивалите низ регионот го извојува Фестивалот во Хрватска, каде последно има настапувано.
На СМС фестивалот во Водице бев прв според гласовите на публиката. Добро поминав и таму. Станува збор за многу јак регионален фестивал каде настапуваат многу познати имиња. Во Македонија покрај на „Охрид Фест – Охридски трубадури“ имам покана да настапам и на Макфест во Штип. Планирана е песната „Со тебе“ која ќе ја пејам на македонски јазик, за што ми е особено драго. Текстот го напишав на македонски јазик, со мала корекција од Роберт Саздов. Направивме една фина мелодија. И оваа песна е во соработка со Дарко Тасев. Не бегам од тоа што е добро. Направивме полн погодок со првата песна. И песната на „Охрид Фест“ помина одлично.
Од соработките со другите музички имиња ги издвојува дуетите со групите „Црвена јабука“ и со „Регина“.
Со „Црвена јабука“ станува збор за песната „Шта када пољубаца нема“ на албумот „Тврџава“. Со „Регина“ снимивме песна која сеуште не е промовирана за која текстот е повторно мој. Спотот е снимен во Белград и мислам дека треба за неколку недели да биде промовирана, додава.
Изразува голема благодарност за гостопримството во Охрид и се надева дека за брзо ќе дојде пак. Открива дека со нетрпение го чека својот прв концерт во Охрид.
Во преговори сум со моите пријатели овде да организираме концерт следната година во Охрид. Планот се работи и со нетрпение чекам следната година да свирам пред охридската публика во живо, додава Хрбиниќ.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски