Босанскиот поет Абдула Сидран синоќа во Сараево одржа поетско-музички перформанс „Вечер со Сидран“, каде објасни како настанала песната „Мора“, (Кошмар), која авторот ја сонил на македонски јазик.
За неговите перформанси се бара билет повеќе, а синоќа токму македонскиот јазик и музика биле во фокусот на перформансот, пренесува „Макфакс“.
„Во 1986 година, сонував на македонски јазик, кој не го знам. Имав кошмар и низ него слушнав зборови од некоја песна на македонски јазик. Утрото ја повикав колешката поетеса Радмила Трифуновски и и кажав дека сонував, но не знам што да правам со тоа. Како ќе ја напишам песната, кога не го знам јазикот, а нешто запаметив. Таа ми рече жНапиши ја на својот јазик, како и да е. Што и да, е ќе биде доброж“, вели Сидран.
Така настанала песната „Кошмар“, за која критичарите мислеле дека е по повод колективната несреќа на БиХ што траеше од 1992 до 1996 година.
Песната оди вака:
„Што работиш, сине?
Сонувам мајко.
Сонувам, мајко, како пеам,
А ти ме прашуваш, во мојот сон: што правиш, синко?
За што, во сон, пееш, сине?
Пеам, мајко, дека имав куќа.
А сега немам куќа. За тоа пеам мајко.
Како имав куќа, мајко, имав глас, и јазик свој имав.
А сега ни глас, ни јазик немам.
Со гласот што го немам, во јазикот, што го немам,
за куќата што ја немам, јас пеам песна, мајко.
извор:„Макфакс“