Организацијата на борците и натаму инсистира на редефинирање на односите со Заводот за кардиологија во Свети Стефан, бидејќи како што велат оттаму парите од кирии на објектите со кои располага организацијата се единствен приход од кој се финансираат активностите на боречката организација.

Централата на Сојузот на Борците во Скопје, инсистира да се најде заедничко решение за дел од просторот кој го користи Заводот за кардиологија, кој е во сопственост на оваа организација. Оттаму предупредуваат  дека без приходи од сопственоста врз објектите, Сојузот на борците од НОВ не може да опстане како организација, бидејќи таа не добива никакви дотации од државниот буџет. Во Сојузот на борците членуваат околу 16.000 учесници во Народноослободителната војна и околу 11.000 граѓани-поддржувачи на нивните традиции.

Договорот што боречката организација го има со Заводот за кардиологија со важност од 15 години истекува на крајот од овој месец. Борците понудија нов договор според кој болницата ќе треба да плаќа кирија од 12.000 евра, што експресно беше одбиен од државата. Од општинската организација на Сојузот на борците признаваат дека цената  за закуп  е превисока, но велат дека тоа е само понуда околу која треба да се раговара. Оттаму се жалат дека државата и управата на болницата со месеци ги игнорираат барањата на Сојузот на борците да се седне на заедничка маса за да се реши проблемот. Тие велат дека не сакаат да се затвори болницата во Охрид, туку само да се постигне договор за закуп на просториите кои ги користи Заводот за кардиологија, за кои Сојузот на борците тврди се негова сопственост.

Од управата на болницата велат дека за случајот е информирано ресорното министерство кое е надлежно за решавање на спорот.

ohridnews