Општинската организација на Либерално-демократската партија во Охрид вечерва ќе одржи изборно собрание на кое ќе треба да се избере новото локално раководство.
Сосема е извесно дека директорот на јавното претпријатие „Охридски комуналец “ Боро Павлоски е единствениот кандидат за претседател на охридскиот огранок на партијата.
„ Охридската организација на ЛДП има квалитетни кадри кои можат да успешно да ја водат партијата. На локалните избори ќе настапиме самостојно и мислам дека секоја партија треба да настапува самостојно. Партиите треба да си ги одмерат силите настапувајќи самостојно, а со тоа да му дадат и поголем избор на гласачкото тело“, изјави Павлоски.
Изборното собрание ќе се одржи вечерва во 19 часот во општинската зграда, а се очекува да присуствува и претседателот на партијата, Јован Манасиевски.
Досегашниот претседател на ЛДП-Охрид, Јордан Трца, оваа функција ја остваруваше во текот на два мандати.
А.Р.