Актуелниот директор на јавното претпријатие “Охридски комуналец”, Боро Павлоски е новиот претседател на Либерално-демократската партија на Македонија во Охрид. Едногласната одлука за неговиот мандат беше донесена вечерва на изборното собрание.
“Ќе се трудам и ќе го дадам максимумот од себе, да ја водам партијата во успеси”, изјави за Ohridnews, Павлоски. Тој потсети дека Либерално-демократската партија на претстојните локални избори ќе настапи самостојно зашто верува оти има квалитетни и соодветни кадри.
Новиот претседател на ЛДП-Охрид потенцира дека многу е важно партиите на македонската политичка сцена на избори да настапуваат самостојно и според него, сега е вистинскиот момент да се одмерат силите и на гласачкото тело да му се овозможи поголем избор.
На наше прашање дали ќе се кандидира за градоначаник на Охрид, Павлоски рече дека се уште не е утврдено дали ЛДП ќе настапи со сопствен кандидат за градоначалник, но подвлече оти за кусо време ќе се дефинира и ставот по тоа прашање во координација со централата во Скопје.
За потпретседатели на општинската организација на оваа партија вечерва беа избрани Спиро Николоски и Никола Маловчев. Либерал-демократите гласаа и за извршен и општински одбор на партијата.
А.Ристоска