Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека земјите на ЕУ треба да размислат за запленување на замрзнатите девизни резерви на Русија за да ги насочат средствата за обнова на Украина.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, шефот на европската дипломатија потсети дека Соединетите Американски Држави претходно ја презедоа контролата врз имотот во вредност од милијарди долари што ѝ припаѓаат на авганистанската централна банка, делумно за да ги обесштетат жртвите на тероризмот, како и за хуманитарна помош во земјата. Според него, би било можно да се разгледаат такви чекори со руските резерви. „Би ја поддржал идејата бидејќи звучи логично“, изјави Борел за весникот.

Тој нагласи дека прашањето за финансирање на обновата на Украина е клучно политичко прашање, со оглед на „неверојатната сума“ што треба да се обезбеди. Претставници на ЕУ веќе испитуваа дали руските резерви би можеле на кој било начин да се искористат за обнова на Украина, но досега Брисел не дал никакви предлози за ова прашање.

Претходно, гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, изјави дека како резултат на санкциите на Западот, околу 300 милијарди долари од девизните резерви на Русија се замрзнати.

OhridNews