Ракометниот клуб Охрид ќе има слободен викенд во Супер лигата, откако ривалот 12-та рунда, Борец се откажа од понатамошно натпреварување поради финансиски проблеми. Клубот од Велес на својот официјален профил на социјалните мрежи објави соопштение, во кое се навeдува дека престануваат да се натпреваруваат во македонската ракометна елита.

-ГРК Борец АД Велес ја известува целокупната јавност дека поради неисполнување на обврските кон играчите и стручниот штаб, од страна на сопственикот односно Општина Велес, и покрај огромните напори и вложување на самите играчи и стручниот штаб за непречена работа и функционорање, од самиот сопственик на клубот има голема незаинтересираност за одржување на клубот во непрекинато функционирање.

Поради овие причини одлучено е да се прекине со натпреварување во сите категории.

Пред почетокот на натпреварувачката сезона 2018/2019 имаше најава од Општина Велес дека ќе се обезбедат спонзори и средства за непрекината работа и функционирање, веќе 4 месеца немаме најава за спонзорства и подмирување на обврските кон нас кои максимално се залагавме и се залагаме да го одржиме клубот во добра кондиција и покрај тешката финансиска состојба.

Сакаме да ја известиме јавноста дека секојдневно пристигуваат тужби на адреса на клубот за неподмирени обврски кон фирми,ангажирани лица и играчи.

Секој месец уредно се доставуваше барања за обезбедување финансиски средства со финансиски план до сопственикот односно Општина Велес. Но од самиот сопственик беа одобрени и доделени финансиски средства во висина од 1/4 од побараното за потребите на тековната работа на клубот, воедно доделените финансиски средства се искористуваа и се искористуваат за подмирувања на тужби од фирми и играчи кои имаат доспеани побарувања, и со самото тоа не остануваат средства за продолжување на тековната работа.

Ваквиот однос со одобрување на далеку помали средства од потребите на клубот веќе пола година и повеќе доведе до ваквата ситуација, како и немање на слух за продолжување на децениската традиција на клубот. – стои во соопштението од клубот.

„Гладијаторите“ натпреварот со Борец требаше да го одиграат в сабота во 17 часот. Комесарот на натпревари во Супер лигата мора брзо да реагира и да го извести охридскиот клуб, бидејќи во спротивно иако гостите најавија откажување охриѓани и службените лица ќе мора да се појават на теренот.

Спортот број еден во Македонија загуби еден од најстарите клубови во Македонија, а Супер лигата нема  да доживее драстични промени, затоа што Борец без победа и без бодови беше последна екипа на табелата. Сите следни противници на Борец ќе бидат слободни, а ќе впишуваат бодови на табелата, бидејќи велешани одиграа повеќе од половина мечеви во регуларниот дел од Супер лигата.

OhridNews