Охрабруваат напорите на Република Македонија во борбата против организиранииот криминал и очекуваме земјата да продолжи  во тој правец, пред се со реформите во судството, што е еден од критериумите за визна либерализација, која се надеваме ќе се случи кон крајот на оваа година. Ова денеска во Охрид го изјави евроамбасадорот Ерван Фуере на завршната конференција од Твининг-проектот за борба против организраниот криминал и корупција.


На конференцијата учествуваше и министерот за правда, Михајло Маневски, кој истакна дека Македонија останува цврсто на определбата за борба против организираниот криминал и корупцијата, бидејќи како што кажа, „тоа е обврска на државата кон граѓаните, но и еден од условите како за визна либерализација, така и во функција на добивањето датум за преговори за полноправно членство во Европската унија“.

Министерот Маневски истакна дека преку овој проект финансиран од страна на Европската унија, Македонија ги користела италијанските искуства при изготвувањето на Законот за јавно обвинителство и законот за кривична постапка што е во завршна фаза. „Твининг-проектот даде исклучително добри резултати, што мислам дека беше верификувано и со извештајот со кој се препорачува визна либерализација за Република Македонија“,истакна Маневски.


На Конференција во Охрид присуствуваше заменик-министерката за правда на Република Италија, сенаторката Елизабета Казелати, која позитивно го оцени „политичкиот сензибилитет на Македонската Влада и Министарството за правда, како и одличното познавање на правната материја од страна на македонските обвинители и судии“.

Ohridnews