Луксузниот автомобил Астон Мартин од филмот „Спектра“ со Џејмс Бонд, продаден е на аукција на британската куќа Кристи за околу 3,1 милион евра. Најниска цена на аукцијата за Бондовиот автомобил Астон Мартин DB10, кој носи потпис на актерот Даниел Крег, била 1,3 милиони евра, пренесува Би Би Си. Моделот на автомобилот кој е креиран за најновиот филм за британскиот таен агент поседува 4,7 литарски В8 мотор и може да достигне брзина од 305 километри на час.
Костумот кој Даниел Крег го носеше во филмот „Спектра“ продаден е за 127 илјади евра. Уште 14 предмети ќе бидат понудени на добротворна интернет аукција која ќе трае до следниот вторник. Автомобилот Астон Мартин се поврзува со Бонд уште од 1964 година, кога за снимањето на филмот “Goldfinger” бил употребен моделот DB5.