Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека бомбашот самоубиец кој ја предизвика експлозијата на свадбената прослава во јужниот град Газиантеп имал меѓу 12 и 14 години, јавуваат тамошните медиуми, пренесува „Макфакс“.

Експлозивната направа ја активирал или самиот бомбаш самоубиец, или некој друг, додал турскиот претседател. Ердоган повторил дека според прелиминарните сознанија на истрагата, нападот е извршен од страна ултрарадикалната терористичка групација Исламска држава.

Според досегашните податоци, најмалку 51 лице загинало а уште 69 други се ранети, од кои 17 се во критична состојба, во експлозијата на свадбената церемонија на член на локалната курдска заедница, кога гостите се подготвувале да прославуваат на улиците што е обичај особено во летните месеци во југоисточна Турција.

Меѓу ранетите се и невестата и младоженецот, на чијашто свадба присуствувале главно нивни роднини и пријатели од источните провинции Сирт и Ван. Бомбашот самоубиец, најверојатно ѝ се приклучил на масата сватови маскиран како гостин, а потоа се разнел меѓу нив.

Во меѓувреме невестата Бесна Акдоган е отпуштена од болница. „Тие ја претворија нашата венчавка во крв“, рекла за медиумите пред семејството да ја однесе во домот.

Властите воведоа привремени специјални безбедносни мерки, образложувајќи ги со зачувување на „јавниот ред и националната безбедност“.

„Постојат силни индикации дека нападот е извршен од страна на Исламската држава. Бомбашот самоубиец е на возраст меѓу 12 и 14 години. Познато ни е дека Исламската држава подолг период се обидува да се етаблира во Газиантеп“, изјавил турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на прес-конференцијата во Истанбул.

Притоа шефот на државата порачал дека е важно граѓаните да ги известат претставниците на безбедносните служби доколку располагаат со какви и да се информации за можен напад. „Не мислам на тоа како поткажување. Тоа е еден од најважните делови на разузнавачките служби“, додал Ердоган.

Нападот бил изведен во населбата Бејбахче во округот Шахинбеј, соопшти гувернерот на покраината Али Јерликаја, кој уште ноќта кон неделата го квалификуваше инцидентот како терористички напад зад кој најверојатно стои Исламската држава. Неговиот кабинет подоцна во неделата објави дека по првите истражни дејствија на местото на настанот, полицијата открила делови од ткн самоубиствен елек, какви што носат бомбашите самоубијци на џихадистичките организации.

Претходно Ердоган во соопштение го осуди нападот, додавајќи дека „за нас не прави разлика од каде доаѓа тероризмот“. „Оние кои не можат да ја победат и да се помират со она што е Турција се обидуваат да провоцираат со злоупотреба на чувствителните етнички и конфесионални разлики нема да надвладеат“, порача Ердоган.

„Не постои никаква разлика меѓу PKK (забранетата Работничка партија на Курдистан), која минатиот месец уби 70 припадници на безбедносните сили, FETO (движењето на следбениците на имамот Фетулах Ѓулен кој живее во САД) кого Анкара го обвинува за неуспешниот пуч од 15-ти јули во кој загинаа најмалку 273 цивили) и извршителот на терористичкиот напад во Газиантеп – Daesh“, додаде турскиот претседател употребувајќи го арапскиот акроним за Исламската држава.

Ердоган рече дека целта на нападите како овој во Газиантеп е да се направи раздор меѓу различните етнички групи во Турција, како Арапите, Курдите и Туркмените и тој да се поттикнува по етничка и верска линија.

Премиерот Бинали Јилдирим во писмената изјава истакнува дека „Нашата болка е многу голема. Меѓутоа, секој треба да биде сигурен дека нашето единство ќе ги одбие сите зла, како и надворешните и внатрешните напади“.

Нападот се случи истиот ден кога Ердоган присуствуваше на состанок посветен на безбедносната состојба во земјата во истанбулската крепост Хубер, на кој покрај премиерот Јулдирим присуствуваа и началникот на Генералштабот на вооружените сили, Хулуси Акар, како и други поважни министри.

Министерот за здравство Реџеп Акдаг и заменик-премиер Мехмет Шимшек во неделата го посетија посета на местото на нападот, а Партијата на националистичкото движење (MHP), испрати своја делегација во покраината Газиантеп.

Главната опозициска Републиканска народна партија (CHP) одржа вонредна седница на својот централен извршен одбор, на која се разгледувале информациите во врска со нападот добиени од партиските членови од Газинатеп. Состанок на највисокото партиско тело, со истиот повод, одржала и владејачката Партија на правдата и развојот.

Челниците на CHP и на MHP, Кемал Киличдароглу односно Девлет Бахчели, го осудија нападот, велејќи дека е насочен против единството на народот.

„Нашиот гнев е голем и чувствуваме длабока тага. Траба да се знае дека оние кои имаат цел да го нарушат нашето единство, нема да ја постигнат својата предавничка цел“, рекол Киличдароглу, додавајќи дека „варварската група“ која стои зад нападот е непријател на турската република, демократијата и секуларизмот.

„Остатоците од демоните како FETO, PKK и ISIL ќе ја добијат заслужената казна“, напиша Бахчели на својот профил на Twitter.

Прокурдската Народна демократска партија (HDP), која се фокусира на статусот на Курдите во турската држава, во соопштение изјави дека свадбата која беше цел на нападот била на еден од нејзините локални членови и оти меѓу жртвите има жени и деца. Копретседателот на партијата Фиген Јуксекдаг во неделата го посети местото на нападот изразувајќи им сочувство на семејствата на жртвите.

OhridNews
извор: „Макфакс“