Еден маж загина, а четири лица се повредени синоќа, меѓу кои и украинскиот пратеник Игор Мосијчук, при експлозија на мотор бомба во Киев. Како што информира Министерството за внатрешни работи на Украина, во бомбашкиот напад во главниот украински град Киев е убиен телохранителот, а ранет е пратеникот Ихор Мосијчук од редовите на Радикалната партија.  Полицијата трага по напаѓачите и нивните мотиви. Првичните информации се дека станува збор за терористички акт. Како што информира украинското Министерство за внатрешни работи, до експлозијата дошло кога Мосијчук и неколкумина други ја напуштале зградата на една локална телевизиска станица во дистриктот Соломјански. Експлозијата била предизвикана од мотоцикл паркиран во близина на телевизиската станица.

Марк Грес, советник на Мосијчук, истакна дека пратеникот добил многу повреди од летечки парчиња, кои му ги погодиле екстремитетите, грбот и стомакот, но нема опасност за неговиот живот и моментно му се врши оперативен зафат. Телохранителот што успеал да го прикрие со своето тело починал на пат кон болницата.
Припадник на првиот вод на полкот за специјални операции, роден во 1986 година, почина. Четворица други имаат рани од шрапнели со разно ниво на сериозност. Мосијчук во моментот е во Борисовата болница, каде што е опериран. Има рани на грбот и стомакот“, соопшти заменик-обвинителот Павло Кононенко.

Радикалната партија соопшти дека постојат сомневања оти инцидентот бил политички мотивиран, односно дека тоа било атентат врз нивниот член Мосијчук.
„Тоа е поврзано со неговите професионални активности и политички ставови. Јасно е дека ова е дело на нашите непријателски тајни служби“, оцени лидерот на таа партија, Олег Лијашко. Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Зорјан Шкирјак, го нарече нападот терористички акт додавајќи дека истрагата за случајот ја преземала Украинската служба за безбедност.

По избувнувањето на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина во 2014 година, зголемен е бројот на инциденти надвор од зоната на борбите во кои цел биле политичари и новинари. Во јуни полковник во воената разузнавачка служба на Украина беше убиен од автомобил бомба во центарот на Киев. Поранешниот руски пратеник Денис Вороненков, критичар на Кремљ кој се пресели во Киев, беше застрелан во март годинава. Претходно во експлозија на автомобил бомба беше убиен новинарот Павло Шеремет, кој беше остар критичар и на Русија и на Украина. Овие случаи сè уште не се разјаснети.

OhridNews
Макфакс