Клиничката болница „Аџибадем Систина“ донираше 3000 парчиња медицински униформи и други производи за потребите на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид.

-Ни претставува чест и задоволство што денеска со нашата донација ќе го дадеме својот удел во подобрување на условите во болницата. Горди сме што заедно ќе бидеме пример и ќе покажеме дека приватното и јавното здравство можат заедно да соработуваат и дејствуваат со една и единствена цел, подобро здравство за сите. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и во иднина ќе биде отворена за соработка и ќе се труди да одговори на потребите на болницата, изјавија од „Аџибадем Систина“.

Оттаму нагласуваат дека во согласност со својата мисија и визија за унапредување на квалитетот во здравството и грижата за здравјето, ќе продолжат и во иднина да ги остваруваат своите задачи како општествена одговорна компанија. За таа цел ќе се реализираат повеќе проекти за унапредување на здравствениот систем во Република  Македонија.

OhridNews