Од година во година овој фестивал добива на се поголема популарност благодарение на овие видеа и искуствата кои ги пренесуваат учесниците на овој фестивал во своите земји. Оваа година на овој фестивал се очекува да присуствуваат повеќе од 500 качувачи од целиот свет, дел од нив и светски познати имиња во качувањето на Болдер.
Болдер е стил на качување по големи камени блокови и за време на качувањето не се употребуваат дополнителни средства за осигурување. Овој вид на качување обично се практикува на големи природни камења или вештачки карпи во спортски сали.
Во оваа дисциплина најнагласени се: моќта, силата и динамичките движења на еден качувач. Нејзиниот фокус е на индивидуалните малубројни потези или кратки секвенци од потези на качувачот, за разлика од традиционалното качување (Алпинизмот) или спортско качување, кои генерално бараат поголема издржливост на поголеми делови од карпа.