Средство за бојадисување на пловни објекти најверојатно поради невниметелност  било истурено вчера во водата на каналот Студенчишта. Хемикалијата иако  предизвикала површинска дамка на водата не направила штети на живиот свет во Каналот, иако според хидробиолозите имало основа за таков проблем.


– Надлежните служби по пријавата на овој настан, веднаш излегоа на терен. Земени се примероци од водата каде што беше излеано средството,  за да се утврди за какво загадување се работи односно каква материја е испуштена во водата. Според првичните претпоставки и она што е утврдено на терен најверојатно се работи за боја која се употребувала за фарбање на нeкој од пловните објекти во Каналот.-вели д-р Ленче Локоска, од Хидробиолошкиот институт од Охрид. Таа нагласи дека за случајот се информирани и службите на СВР Охрид, од кои очекува да утвдат кој и зошто ја испуштил хемикалијата во водата.


Инспекторот за животна средина Игор Трајкоски кој го контактиравме телефонски рече дека нема надлежност да дава информации во врска со овој проблем и не упати да се информираме во Министерството за животна средина во Скопје, напоменувајќи дека не се работи за сериозно загадување на водата.

E.E.