Компанијата „Боинг“ соопшти дека некои авиони од типот 737, вклучително и многу авиони „737 Макс“, имаат неисправни делови на своите крила, објави Си-ен-ен. Како што се наведува, се работи за новооткриени проблеми, кои компанијата ги детектирала по веќе откриените грешки во софтверот МЦАС.
„Боинг“ ги предупреди сите авионски компании кои ги користат неговите модели на авиони 737, да направат детални прегледи на преткрилата од серијата Макс и НГ. Серијата 737 НГ ги вклучува авионите 737-600, 700, 800 и 900.
Преткрилата се подвижна аеродинамична површина наменета за зголемување на кревањето, кои се сместени на предниот дел од крилото. Боинг предупреди дека некои од нив можеби не ги задоволуваат производните стандарди и дека е потребно да се заменат.
Најновиот проблем е откриен во моментот кога компанијата Боинг со големи напори се обидува да ја врати довербата во моделите 737 Макс. Авионите од оваа серија се приземјени во повеќе делови во светот, по трагичната несреќа на авионите на „Етиопија Ерлајнс“, кога се урна во Адис Абеба, при што загинаа 157 луѓе.
Несреќата следеше по фаталниот пад на истиот модел на авиони од компанијата „Лајан Ер“ во Индонезија минатата година, кога загинаа 189 луѓе.
OhridNews
Макфакс