Управата на американската компанија Боинг денеска информираше дека авионот 787 Дримлајнер е во целост безбеден, дека нема никаква опасност од избувнување пожар заради прегревање на акумулаторите, пренесува „Макфакс“
„Нашите авиони повторно ќе почнат да летаат за неколку недели. Во тоа воопшто не се сомневаме“, изјави на прес конференција одржана во Токио директорот на Одделот за цивилно воздухопловство на компанијата Боинг, Реј Конер.
Тој додаде дека сите тестирања би требало да бидат завршени за неколку недели.
„Не знаеме колку време ќе им треба на властите да ги одобрат резултатите на нашите тестирања, но сигурни сме дека тоа ќе биде многу брзо“, рече директорот на Одделот за одржување Мајк Флеминг.
Боинг 787 во целост е безбеден, изјавија експертите од оваа компанија, додавајќи дека се извршени различни технички измени на литиумскиот акумулатор на авионот. Оваа американска компанија ја запре испораката на новите 787 Дримлајнери кон средината на јануари, откако во Бостон се запали акумулаторот на еден авион, а потоа е забележан уште еден инцидент поврзан со грешка на акумулаторот во Јапонија.
Сите 50 Дримлајнери во комерцијална употреба се приземјени по принудното слетување на авионот на јапонската компанија „Ал Нипон Ервејс“ заради прегревање на литиумскиот акумулатор.
извор:„Макфакс“