2015 требаше да биде една од подобрите економски години, бидејќи таа доаѓа по две години во кои остваривме солиден економски раст. По нашите проекции, тој раст требаше да продолжи уште посилно во 2015 година со раст на БДП од 4,1 отсто и тоа не беше само наше видување, тоа беше видување и на Европската комисија и на ММФ и на останатите меѓународни финансиски институции коишто прават проекции за македонската економија. Тој тренд за жал е доведен во опасност поради случувањата на политичката сцена во последните неколку месеци и може да биде загрозено тоа остварување коешто беше доста извесно, вели во интервју за Радио Слободна Европа, гувернерот на Народната банка Димитар Богов.

Тој истакнува дека од страна на Народна банка внимателно се следат економските индикатори.

– Економските индикатори обично излегуваат со задоцнување од еден, два или три месеци по завршувањето на соодветниот период. Од оние индикатори коишто се досега расположиви, немаме такви индикации. Движењата во првиот квартал се доста солидни, извозот расте, производството расте, од оние индикатори коишто ние ги следиме на дневна основа, како што се депозитите, како што е девизниот пазар, исто така, дури и досега, до средината на мај, ние немаме некои индикации дека нешто невообичаено се случува. Напротив, движењата се многу поволни, депозитите се исклучително стабилни и продолжуваат да растат, а девизниот пазар е како што беше и на почетокот на годината, исклучително добар и стабилен, вели Богов.

На прашањето дали веќе е видливо влијанието на политичката криза преку закочени инвестиции однадвор или откажани аранжмани, Богов со одговор дека преку индикаторите коишто се расположливи сè уште не се гледа тоа.

– Веројатно веќе во јули ќе ги имаме првите сигнали дали политичката ситуација влијае на тие економски движења. Но, веќе јас имам некои индивидуални најави од ваму и од таму, дека некои се премислуваат, некои се двоумат и од домашните и од странски инвеститори, дали да ги реализираат своите инвестиции или да почекаат да видат како ќе се реши ситуацијата или некои од нив веќе дури и се премислиле и се определиле за други дестинации, нагласува Богов.

OhridNews

извор РСЕ