Денес по повод празникот посветен на „Светиот свештеномаченик Харалампиј”, во храмот „Св. Никола Геракомија” ќе биде отслужена Вечерна Богослужба со почеток во 16:00 часот, а утре, недела, Утрена Богослужба и Света Литургија со почеток во 07:30 часот.

Празникот Свети свештеномаченик Харалампиј народот го вика Чуминден. Поврзан е со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува со чумата зошто таа се смета за најопасна болест. Народот верувал дека тој е пазител од чумата која ја соборил и победил, а тоа бил ѓаволот олицетворен во чума, како што се верувало во Охрид, според записот на Кузман Шапкарев. Во некои цркви Св. Харалампиj бил претставен како ја држи чумата и како ја тепа и мачи.

Во Охрид “Свети Араламбос“ се сметал за “пануклин празник“. Араламбос се верувало, ја држел пануклата. За ова верување забележано е следново предание: “ Едно време ко одела по земјава да бијат, је остаале казан со вода, корито, сапун, за да се к’пит. Еднуш шетала по земјава пануклата и бијала љуѓе. Еден стар чоек не сакал да побегнит, се скрил дома и се затворил отсек’де. Н’ќ ќе дојт сега да ја видам, си рекол отк’ј ќе влезит! Та му влегла низ оџак и се расчекорила над мангалот да се грејт. Како се грејала така задремала. По некое време отворила дефтерите да и гледат. Стариоф чоек по кротко и и’ грабнал и в огон. Та се наљутила, удри чинела со тупајнци и му велела “Ами сега како ќе д’м џауап, а?“ Удри, удри и сек“де удирала, само џумки се чинеле. Така г’изопрала.“

Пануклата отивала само на право и никако не се вртела лево – десно. Ако бегале луѓето не ги удирала. Затоа таа велела “Бежаноа мајка бело носила, небеганоа мајка црно носила“.

Свети свештеномаченик Харалампиј епископ од Магнезија (Тесалија) настрадал за време на царот Септимие Север кога бил вршен страшен прогон на христијаните. Под негово влијание царската ќерка Галина станала христијанка и ги искршила римските богови. Поради тоа бил страшно мачен. Според едно предание му биле отсечени рацете, а потоа бил исечен со меч. Според друго предание, пак, дури му била одрана кожата, а кога и тоа го примил како доближување до Бога, се помолил на Бога, и пред врз него да се спушти мечот на џелатот испуштил душа. Тогаш имал 113 години, а тоа се случило на 23/10 февруари 202 година. Потоа царската ќерка Галина го погребала, а неговата глава и денес се чува во манастирот Свети архиѓакон Стефан од Тесалија.

OhridNews