Ликот на Пресвета Богородица како во рацете го држи малиот Исус, се појави во стеблото на стогодишна врба, што неодамна ја пресекле работници на Македонија пат – секција Охрид, покрај коловозот во непосредна близина на авто-кампот „Елешец“.


-Го сечевме дрвото  и  ликот на  Света Богородица ми излезе пред очи, изјави за OhridNews, работникот Владо Смически, додавајќи дека во животот исекол многу дрва, но ништо слично не видел.


Неговиот колега Крсте Пешкоски, со доза на  возбуда раскажува за невообичаениот настан.

Самото дрво што го сечевме беше опасност за сообраќајот, бидејќи беше надвиснато над патот и мораше да го пресечеме. Само што почнавме го забележавме ликот на Богородица и му реков на колегата да застане. Полека го пресековме тој дел, а потоа отсековме уште неколку парчиња од стеблото, но ликот го имаше само таму каде почнавме со сечењето, истакна Пешкоски.


Работниците од Македонија пат – секција Охрид дрвената икона која е во вид на свеќа ја исчистиле и ја премачкале со безбоен лак заради заштита, и ќе ја подарат на црквата Св. Троица во населбата Радојца Новичиќ, за да може да ја видат сите граѓани.

Горан Момироски