Во спомен на Христовото крштевање црквата воспостави празник: „Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици“. Споменот се однесува на 6-ти Јануари (19-ти според Јулијанскиот календар) по традицијата која вели дека Спасителот се крсти тој ден и во согласност со евангелието кое кажува дека Господ се крстил кога имал околу 30 години, односно околу Божиќ.
Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. За време на крштевањето на Исус Христос Бог јасно и конечно се пројави како Света Троица, Отец, Син и Дух Свети. Додека Христос излегувал од водата небото се отворило и на него, во облик на гулаб, се спуштил Светиот дух, при што се слушнал гласот Божји: „Мои љубени, ова е Синот на мојата волја“. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух. За осветувањето на водата и за чудесата на осветената вода Св.Јован Златоуст во својата беседа за крштевањето вели: „Овој е ден во кој Христос се крсти и ја освети природната вода. На полноќ на овој празник сите црпат вода и ја носат во своите домови и ја чуваат со години. Водата не се расипува“.
На празникот Водици завршуваат и таканаречените некрстени денови. Според кажувањата на старите охриѓани, во тие денови, односно ноќи скитале умрените, караканџолите, вештерките, аветите, вампирите и сите тие нечисти сили правеле оргии. Секој од нив, кого ќе го затекнеле ноќите надвор од дома, задолжително во појасот носел, лук, сол, леб или слично нешто како заштита од нечистите сили.