Пред да почне со својата проповед Господ Исус Христос, во околината на Јордан проповедал Јован Крстител, кој велел: Се приближува царството небесно, доаѓа очекуваниот Месија, исповедувањето е потребно за влегување во царството небесно. Исус Христос, пред да почне јавно да го проповеда своето учење, од Галилеја дојде крај Јордан и му дозволи на Јована да го крсти, поради што Јован се нарекува Крстител.
Во спомен на Христовото крштевање црквата воспостави празник: „Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици“. Споменот се однесува на 6-ти Јануари (19-ти според Јулијанскиот календар) по традицијата која вели дека Спасителот се крсти тој ден и во согласност со евангелието кое кажува дека Господ се крстил кога имал околу 30 години, односно околу Божиќ.
Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. За време на крштевањето на Исус Христос Бог јасно и конечно се пројави како Света Троица, Отец, Син и Дух Свети. Додека Христос излегувал од водата небото се отворило и на него, во облик на гулаб, се спуштил Светиот дух, при што се слушнал гласот Божји: „Мои љубени, ова е Синот на мојата волја“. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух. За осветувањето на водата и за чудесата на осветената вода Св.Јован Златоуст во својата беседа за крштевањето вели: „Овој е ден во кој Христос се крсти и ја освети природната вода. На полноќ на овој празник сите црпат вода и ја носат во своите домови и ја чуваат со години. Водата не се расипува“.
На празникот Водици завршуваат и таканаречените некрстени денови. Според кажувањата на старите охриѓани, во тие денови, односно ноќи скитале умрените, караканџолите, вештерките, аветите, вампирите и сите тие нечисти сили правеле оргии. Секој од нив, кого ќе го затекнеле ноќите надвор од дома, задолжително во појасот носел, лук, сол, леб или слично нешто како заштита од нечистите сили.
Богојавление бил празник на Бог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено според верувањата, точно на полноќ, ноќта, се отварало небото и на сите што будни ќе го дочекаат празникот, Бог ќе им ги исполни желбите. Тој час и водите за миг престанувале да течат и биле лековити. Од таа вода да се налеело, можело да се лекуваат многу болести. Ако пак, не се налеела во тој миг, водата можела да се „направи“ откако ќе се покрстела-осветела од свештено лице. Карактеристично за празникот Водици е тоа што се празнува во помали или поголеми групи, таканаречени тајфи, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат во маали или во фамилии. Секоја тајфа има свој Кум, кого го викаат уште и Св. Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици. За тоа време го има кумството.
Јасминка Т. Момироска