И оваа година на Богојавление-Водици во сите македонски православни црковни општини во Сиднеј се одржаа црковни богослужби во чест на овој голем православен христијански празник. Црковните храмови и дворови беа преполни, а верниците по богослужбите си понесоа дома вредни икони кои се наддаваа во нашите свети храмови.


Во попладневните часови македонските православни цркви од Сиднеј традиционално организираа фрлање на Светиот крст во водите на океанот. Така во месноста Долс Поинт на Ботани Бај,  по прекрасно време иако во работен ден посетата беше голема како никогаш порано. Во името на трите македонски православни цркви Св. Кирил и Св. Методиј од Розбери, Св. Никола од Кабрамата и Св. Петка од Рокдаел крстот во водите на океанот го фрли протоереј ставрофор Љупчо Двојаковски во сослужение со протоереите Наум Деспотовски и Зоран Алексовски.


Преку триесетина млади момчиња запливаа во длабоките води на океанот а најсреќен и нај брз мегу сите беше робусното момче Томе Томоски од Кабрамата кој го извади крстот и ја доби вредната награда златен привезок со крвче подарок од црковните општини. Верниците го бакнуваа Светиот крст и со банкноти го наградуваа пресреќното момче кое беше воодушевено и со задоволство одговараше на новинарските прашања и телевизиските сниматели.


Ова е уште еден вреден доказ колку ние македонските православни верници на секаде во светот, и далеку од нашата сакана татковина си ја сакаме верата и љубовта кон нашата света црква заедно со македонските традиции кои се пренесуваат од колено на колено.

Перо Дамчевски Коцин