Врвни атлетичари, спортисти и рекреативци од 18 држави ќе бидат дел од шестото издание на спортската манифестација „Охрид Трчат”, која од утре до недела ќе се одржува во Охрид. Дел од учесниците на трката се рекордерите на Македонија, Андријана Поп Арсова и Дарио Ивановски како и тркачи од регионот кои значат многу во оваа заедница.

Иван Цветкоски директор на атлетската манифестација „Охрид трчаТ“ вели дека ветуваат богата програма во наредните три дена, потенцирајќи дека токму по концептот Ohrid running weekend се многу препознатливи посебно во регионот. Во поширокиот регион, вели Цветкоски, не постои ваков концепт, а истиот значи дека три дена има постојано активности, социјални, трки, концерти, хуманитарни акции, промоција, афирмација и агендата која ја имаат од утре значи голема одговорност за нив, меѓутоа и голем предизвик за да Охрид и охриѓани се претстават пред европската и светска јавност така како што доликува.

Програмата започнува утре со двата дена на ЕКСПО каде се доделуваат стартните пакети, тоа подразбира дека во петок и во сабота пред хотел Палас на самиот кеј од 10 до 20 часот ќе се издаваат стартните пакети за учесниците. Вечерта во петок ќе имаме ноќна трка пропратена со забава која е хуманитарна, како и концерт. Ревијалната трка од 2К започнува во 21 часот пред плажата Куба либре, нема натпреварувачки карактер и ги повикуваме сите рекреативци и кои сакаат да наполнат позитивна енергија да дојдат и да учествуваат. Во сабота го имаме вториот ЕКСПО ден, но и серија на социјални активности кои почнуваат од разгледување на Охрид, посета на Св. Наум, ноќно крстарење и панел дискусијата која редовно ја организираме како клуб се со цел да ги афирмираме пошироко сите моменти кои ние ги градиме со организирање на овој настан. Панел дискусијата ќе биде на тема „Детска атлетика“ на која ќе има двајца еминентни гости од Сплит и од Белград, Кристијан Синдик директор на сплитскиот маратон и Здравко Мишовиќ директор на „Трката на пријателства“ заедно со Кираџиев и Тања Димитриеска од Охрид ТрчаТ. Навистина ќе има што да слушнат сите кои ќе го пратат панелот. Во недела е главниот настан кој започнува од 8.30 со првата трка на 21К чиј старт е на Кеј Македонија пред хотел Палас, каде ќе има вкупно 330 учесници, додека стартот на трката на 5К е во 08:35 на истата локација и има 980 учесници. По трката следува музичка програма, вели.

Цветкоски вели дека се надеваат во наредните три-четири години, организацискиот тим да успее да дојде до бројката од 2000 тркачи на Охрид трчаТ со процент од 40-50% надвор од државата, бидејќи се ова вели го прават за да привлечат што повеќе гости од надвор, да дојдат да го видат Охрид во едно друго светло и да ги користат услуги кои градот ги нуди.

Атлетскиот викенд се спроведува и со поддршка од Општина Охрид, а градоначалникот Кирил Пецаков ќе биде дел од трката 5К под бројот 1393. Вели Охрид има неколку препознатливи настани со кои може да се пофали и кои гордо ги претставува пред светот. Еден од тие настани е и атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.

Бројката од над 1300 пријавени учесници од 18 држави кои викендов ќе трчаат во Охрид ја поставува оваа манифестација високо на списокот од врвните спортски настани, не само во нашата држава туку и во поширокиот регион. Убеден сум дека и овогодишното издание на Охрид трчаТ ќе биде уште еден вистински спортски спектакл кој ќе испрати силна порака за поголема афирмација на трчањето и здравите спортски навики. Прецизната и беспрекорна организација на веќе искусниот тим кој стои зад идејата и концептот на настанот, и оваа година е поддржано и помогнато од Општина Охрид. Се надевам дека оваа спортска приказна ќе стане традиционална и дека ќе има уште многу успешни изданија во иднина. Како градоначалник ќе бидам секогаш подготвен за соработка и за поддршка на ваквите настани кои се одржуваат надвор од шпицот на летната сезона и настани кои можат да дадат придонес за поголема промоција на Охрид како туристичка дестинација, додава Пецаков.

Во однос на патеката која ќе ја трчаат учесниците и сообраќајниот режим говореше Јоне Станкоски од „Охрид трчаТ“ кој истакна и дека нивната визија како организација е Охрид да прерасне во европски, светски спортски град, додавајќи дека таа визија мора заеднички да ја градат со сите граѓани на Општина Охрид.

Во однос на улиците кои ќе бидат затворени се приспособивме на постоечкиот времен режим во Општина Охрид со оглед дека и „Македонски Просветители“ се реконструира, па затоа во еден дел ја заобиколуваме за трчање и се пренасочуваме кон „Мите Богоевски“ и „Даме Груев“. Се трча по улиците „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Мите Богоевски“, „Даме Груев“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Св. Наум Охридски“, „Кузман Јосифовски“ и патека Студенчишта. Трката се одвива во централното градско подрачје во стариот дел на градот и оди кон патеката Студенчишта и повторно се враќа назад, полумаратонците трчаат два круга, а трката на 5К се трча еден круг, но тие вртат кај Ројал и одат кон целта преку „Партизанска“ и „Македонски Просветители“ во делот кој е пуштен за употреба, додава Станкоски.

Наградниот фонд е паричен и стоков 300, 200 и 100 евра за првите места за трката на 21К односно полумаратонот и само за таа трка има парични награди, а за сите други трки има медали, дипломи, подароци од партнерите.

Оваа година сме особено горди со финишерите кои ќе ги добијат сите кои ќе ја завршат трката. Годинава многу битно за приватната угостителска заедница е што имаме изработено акредитации кои ги добиваат учесниците на полумаратонот и штафетниот полумаратон со 20 угостителско-хотелски објекти кои даваат попуст во овие три дена односно во деновите на Охрид трчаТ. Со ова дополнително придонесуваме кон афирмација на охридското гостопримство, потенцира Цветкоски.

Организаторите ги повикуваат сите наши граѓани да излезат и да ги поддржат тркачите, на тој начин да земат учество и да бидат трпелливи во однос на тричасовниот затворен сообраќај на овие улици. А потоа заеднички сите да ја проследат музичката програма по завршување на трката.

Инаку, организатор на атлетскиот викенд е клубот „Охрид ТрчаТ“ со поддршка на Општина Охрид и неколку општествено одговорни компании.

Н.С.Ј.