Општина Охрид подготви богата дводневна програма за новогодишните празници на плоштадот во Охрид. На градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ точно напладне на 31 декември ќе започне новогодишната програма со настап на хорот при КУД „Гердан“, а од 13 до 15 часот на истата сцена ќе се одржи новогодишната театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“.
Вечерта со почеток во 20:00 часот на плоштадот ќе настапат естрадните уметници Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy, најави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Најголемиот туристички центар во државава ќе има дочек за Нова Година како што заслужува. Со овие наши ѕвезди и живи легенди ќе ја дочекаме и ќе си посакаме среќна 2023 година, рече Пецаков.
Новогодишната програма во Охрид продолжува на 1-ви јануари точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон“ на градскиот плоштад. Очекувам, вели Градоначалникот, интерес да привлече проектот „И повторно Евергрин“ кој ќе го изведат Лидија Кочоска – вокал, Влатко Груевски – вокал и Андреа Наунов – пијано и вокал.
За Новогодишните празници од буџетот на општината се издвоени 2 милиони денари. Очекуваме бројни туристи од земјава и странство и она што можам да ветам е весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот плоштад во Охрид. Ги поканувам сите сограѓани и добронамерници да бидат дел од оваа убава новогодишна забава во нашиот прекрасен град, додаде Пецаков.
Воедно информираше и дека општината ќе се погрижи и за организација на забавниот дел за Богојавленските празници.
Она што во моментов е потврдено е дека по чинот на осветувањето и фрлањето на светиот крст во езерските води на 19- ти јануари на плоштадот Св. Климент Охридски ќе настапи групата Чалгија SOUND SYSTEM. За останатите детали околу Богојавленските празнувања ќе бидете информирани дополнително по одржување на состанокот на Координативното тело кое се организира за оваа најмасовна црковно – културна манифестација во земјава, рече Пецаков.
Потенцираше дека приватното сместување за новогодишните празници скоро потполно е резервирано. Се очекуваат туристи од соседните земји, но секако најдоминатни ќе бидат домашните гости.
Н.С.Ј.