Со почеток во 19 часот и 30 минути, во Центарот за култура ќе биде отворена изложбата фотографии на визуелниот артист од Бразил, Пауло Гаиад .
Во 21 часот во катедралната црква Св. Софија ќе одржат концерт Кирил Трусов – виолина и Александра Трусова – пијано од Русија.
Кирил Трусов се здобил со меѓународна слава во 2009 во Париз, кога настапил како замена на Гидон Кремер на концерт на Нациналниот оркестар на Франција, диригиран од Даниеле Гати во Театарот на Шанзелизе, пренесуван во живо на Радио Франс. Реакциите на публиката и критиката биле еднакво ентузијастички. Има настапувано како гостин солист со Минхенската филхармонија, Штацкапел Берлин, Лајпциг Гевандхаус оркестарот, Радио-симфониските оркестри на Баден-Баден и Фрајбург. Кирил Трусов свири на виолината „Бродски“ (1702) направена од Антонио Страдивари, на која Адолф Бродски ја дал светската премиера на Концертот за виолина и оркестар на Чајковски на 4-ти декември 1879.
Александра Трусова редовно настапува во Германија, Франција, Швајцарија, Шпанија, Белгија, Австрија, Канада. Настапувала со диригенти како Волфганг Гоненвајн, Лорин Мазел, Антони Вит, Сер Невил Маринер, Јозеф Сук, Валтер Велер, Жан-Жак Канторов, Ари ван Бек, Мајкл Тилкин … Освен како солист, таа настапува со огромен успех со Кирил Трусов, нејзиниот брат.
Два часа подоцна, во 23 часот на Антички театар е концертот на Владимир Четкар Квартет.