Викендов, кој доаѓа ќе биде исполнет со спортски настани за сите сладокусци во нашиот град. Охрид, ќе биде домаќин на елитен ракомет, второлигашки фудбал и меѓунородни тест средби во кошарка.

Спортската програма в сабота со почеток во 16 часот ја отвараат кошаркарите на АВ Охрид, кои, во СРЦ Билјанини Извори ќе одиграат контролна средба со тимот на Рилски Спортист од Бугарија. Двата тима ќе одиграат дуел и в недела во истиот термин 16 часот.

В сабота со почеток во 19 часот, „гладијаторите“, ќе ја имаат премиерата пред охридксата публика во Супер лигата. Ривал на охриѓани е тимот на Работнички. Охридските ракометари на дуелот со скопскиот суперлигаш ќе ја бркаат првата победа после поразот во првата рунда од Пролет.

Богатата спортска понуда за овој викенд ќе ја заокружат фудбалерите на Охрид Лихнидос. „Сино белите“, в недела во 15 часот и 30 минути го пречекуваат амбициозниот Пелистер. На фудбалерите им е потребна голема поддршка од трибините за излегување од резултатската криза и запишување на првите бодови во новата сезона.

Свое присуство на трибините најави навивачката група „Рибари“, која ќе биде дополнителен декор и мотивација за охридските спортисти.

OhridNews