Викендов во Охрид ќе има понуда за сите спортски сладокусци, бидејќи на програмата има елитна кошарка и ракомет како и сениорски и младински фудбал.

Богатата спортска понуда ќе ја најават фудбалерите на Фер Плеј кои в сабота во 10 и 12 часот ќе ги одиграат своите натпревари во Регионалната младинска лига. Противник на Фер Плеј ќе биде тимот на Пелистер.

Во 17 часот Кошаркарскиот клуб АВ Охрид ги започнува натпреварите во Првата македонска кошаркарска лига. Во првата рунда „галебите“ ќе се судрат со актуелниот шампион Работнички. Охридскиот кошаркарски клуб има обезбедено директен пренос за љубителите на кошарката кои нема да бидат во можност да дојдат во СРЦ „Билјанини Извори“.

Двојната програма во охридска спортска арена продолжува со мечот помеѓу Ракометниот клуб Охрид и скопски Вардар Јуниор. „Гладијаторите“ на теренот ќе треба да ја оправдаат фаворитската улога која имаат на хартија пред мечот кој е закажан за 19 часот и 30 минути.

Денот недела ќе биде резервиран за фудбалските гурмани. Во 10 часот ФК Охрид Топ Тим ќе го пречека составот на Ускана во младинската фудбалска лига, а во 12 часот својот меч ќе го одигра и Евро Фудбал против Топ Гол.

Во 15 часот на „главниот“ терен на СРЦ „Билјанини Извори“, Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос ќе се сретне со Преспа во рамките од Третата македонска фудбалска лига. Охридските бели атакуваат на нов триумф со кој ќе продолжат победничката серија во третолигашкото друштво.

Сабота:

10ч: Фер Плеј – Пелистер (Регионална младинска фудбалска лига)

12ч: Фер Плеј – Пелистер (Регионална младинска фудбалска лига)

17ч: КК АВ Охрид – КК Работнички (Прва кошаркарска лига)

19:30ч: РК Охрид – РК Вардар Јуниор (Супер лига)

Недела:

10ч: ФК Охрид Топ Тим – Ускана (Регионална младинска фудбалска лига)

12ч: Евро Фудбал – Топ Гол (Регионална младинска фудбалска лига)

15ч: ГФК Охрид – Преспа (Трета МФЛ)

15ч: Лакочереј – Новаци (Трета МФЛ)

18ч: Турнир баскет 3х3 во СРЦ „Билјанини Извори“

OhridNews