После само четири месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ станува јасно дека се она што говореше во опозиција биле празни флоскули, гола критика и желба по секоја цена да се оцрни тогашната власт. Ниту бил непотребен, ниту бил криминален проект, проектот за изградба на 110 километри автопати на Коридорите 8 и 10-д, дел од нив и по најтешките планински предели, е проект кој се реализира во соработка со нашиот стратешки партнер САД, истакна на денешната прес конференција пратеникот од СДСМ Благој Бочварски.

Овој проект и понатаму ќе биде мотор на економијата, преку него ќе се темели и растот на економската активност, вклучување на 90 % домашни изведувачи и добавувачи, ангажирање на домашни работници и инженери и секако партнерска работа на домашната оператива со една од насилните светски компании од која можеме да научиме многу како градежен сектор.

Истакна дека во 2023 година како држава ја потпишале спогодбата со ЕУ за вклучување и на Коридорот 8 на мапата на главни европски коридори.

Со тоа Македонија како мала централно поставена држава на Балканот е земја во која се вкрстуваат 2 европски коридори, и тоа е наша огромна предност. Таа предност ние не смееме да ја пропуштиме. СДСМ како одговорна политичка партија и кога ја предводи Владата, но и кога е во опозиција силно ќе ја поддржува изградбата на стратешките проекти од национално значење, зошто само така ќе ја развиеме економијата преку зголемување на економската активност, ќе ги развиеме планските региони, ќе го развиеме туризмот, ќе ги намалиме сообраќајните незгоди и ќе ги намалиме гужвите и метежот по патиштата, додаде Бочварски.

OhridNews