Доизградбата на автопатот Охрид – Кичево, е приоритет на владата кој забрзано ќе биде реализиран. Ова денеска на прес конференција го најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Овој автопат како што претходно беше најавено ќе има крак од Требеништа до Струга.

Министерот за транспорт најави и целосна реконструкција на патниот правец Струга – Ќафасан, постапка за проширување на автопатот Тетово – Гостивар, и изградба на автопат Кичево – Гостивар, со што ќе се создаде модерна врска во западниот регион. Бочварски најави изградба на автопат од Прилеп до  Битола, како и ново инфраструктурно поврзување на Битола со граничен премин Меџитлија.

Во однос на дивоградбите, министерот Бочварски истакна дека не е дозволена узурпација на простоерот за лични интереси и најави дека таквата пракса повеќе нема да се толерира. Јавниот простор ќе може да се користи само на начин прошишан со закон, додаде Бочварски.

Новиот закон за легализација на дивоградбите предвидува поголеми пенали, плаќање за 50% повисока цена за комуналии за дивоградба, што треба да ги одврати граѓаните да градат дивоградби. Ќе анимираме и мотивираме дополнително инспектори за борба со дивоградбите, а ќе направиме и сериозни законски измени со сериозни казни. Ова е систем преку ноќ не ќе може да се воспостави и преку ноќ не ќе можат да се надминат проблемите, но овој систем треба да создаде фронт против ваквите појави. – рече министерот за транспорт.

Во однос на Охрид тој изрази задоволство од ангажманот на градоначалникот Константин Георгиески и општината за решавање на проблемот со дивоградбите изразувајќи надеж дека таквите активности ќе продолжат и во иднина и најави дека поддршката од државата нема да изостане за Охрид да не го изгуби статусот во УНЕСКО.

Бочватрски најави сериозни реформи и измени во начинот на носење на Деталните урбанистички планови, кои со новиот правилник се носат со двојно гласање во советите на општините во кој се вклучуваат и граѓаните.

Донесените ДУП-ови се веќе изгласани во советите и тие се конечни, но од сега натаму постапката на носење на ДУП-вите ќе се спроведува во согласност со новиот правилник, истакна Бочварски.

Во однос на соработката на владата со општините и најавената поддршка на локалните инфраструктурни проекти за што се предвидени 70 милиони евра, а поврзано конкретно со Општина Охрид, Бочварски истакна дека во вториот тендер е предвидена реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“, која треба да започне на пролет, а ќе следат и нови тендери кои сериозно ќе бидат селектирани.

Г.М.