Охридскиот фудбалски стратег Драган Бочески со мали проблеми ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната со тимот на Напредок. Во зимскиот преоден рок по истекување на позајмицата во матичниот клуб се врати Марко Симоновски, а поранешниот фудбалер на Охрид 2004, Игор Клечкароски не е во посакуваната форма и затоа Бочески ќе ја менува тактиката во нападот.

 – Ако не ангажираме напаѓач со посакувани карактеристики, пролетва ќе го промениме начинот на игра. Ќе се обидеме да играме во стилот на Шпанија, да напаѓаме со повеќе играчи без класичен шпиц, до кој претходно ги дистрибуиравме сите топки пред голот на противникот. Токму од тие причини во овој подготвителен период големо внимание ќе посветиме на оваа формација на игра без класичен шпиц – истакна за “Дневник“ охриѓанецот Драган Бочески.

Првата полусезона Симоновски постигна пет погодоци и им помогна на кичевчани да го остварат најдобриот пласман во досегашната историја во Првата македонска фудбалска лига.

Мх.П.