Пулените на охридскиот фудбалски стратег Драган Бочески десет дена минаа во Охрид каде се подготвуваа за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.
– Во десетте дена кои ги поминавме во Охрид ги остваривме сите зацртани цели. Подготовките минаа без проблеми и што е најважно без повреди со што ги заокружувам како успешни – истакна „шефот“ на Пелистер, Бочески.
„Зелено белите“ во Охрид одиграа шест контролни натпревари каде забележаа четири победи и претрпеа два порази.
– Секогаш резултатите од контролните натпревари ги ставам во втор план. Но, за да се победи мора да се игра убаво, а ние тоа го направивме во неколку наврати во Охрид. Им дадов шанса на сите фудбалери и задоволен сум прикажаното – потенцираше Бочески.
Во зимскиот преоден рок екипата на Пелистер ја напуштија неколку круцијални фудбалери Стенио Жуниор, Алтипармаковски и Китановски, а не донесоа соодветни засилувања, но и покрај заминувањето на фудбалерите „чкембарите“ не го менуваат курсот.
Мх.П.